6 октомври 2012 г.

Нов сообраќаен влез за населба Расадник


Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Марјан Ѓорчев денеска ги пушти во употреба двете новоасфалтирани улици со кои населбата Расадник доби нов сообраќаен влез кај ресторанот „Ексклузив“.

sl3-06.10.2012
Како што информираат од Општината Кисела Вода, проектот за асфалтирање на сообраќајната мрежа во новата населба Расадник, која се реализираше во 2007 година и која беше обременета со докрај недефинирани имотно-правни односи, денеска веќе добива своја разрешница.
Општината Кисела Вода во изминатиот период ги асфалтираше дел 1 и дел 2 од новопроектираната улица во Расадник во вкупна должина од 400 метри. Коловозот на новоасфалтираните улици е со просечна ширина од 6,5 метри, а се изградени и тротоари, односно рабници од двете страни на коловозот.
- Денеска граѓаните на Кисела Вода, особено жителите на населба Расадник добија нова магистрална улица, која се поврзува со ул. „Народни Херои“ и која овозможува уште едно поврзување со населба Кисела Вода. За општината, ова е многу важна улица, бидејќи истата се наоѓаше на приватен имот и по долги преговори со имателите на овој посед, фамилијата Димишкови, конечно успеавме да создадеме ново сообраќајно поврзување меѓу Расадник и овој дел од Кисела Вода, изјави градоначалникот Ѓорчев.
sl2-06.10.2012
Тој рече дека голем проблем за оваа населба се и јавните паркралишта, имајќи во предвид дека голем дел од Расадникот е приватно земјиште.
- Пред две години во овој дел од Расадникот изградивме паркинг со капацитет за околу 150 возила, а во следниот период по должината на улицата планираме изградба на нови паркинг места со што сметам дека нас. Расадник ќе ги добие сите елементи на модерна и атрактивна населба за живеење, истакна Ѓорчев.
Со асфалтирањето на овие недовршени улици се затвори сообраќајниот круг во населбата и сообраќајно се растоварија останатите приоди кон станбените згради во населба Расадник.
Градежните работи ги изведуваше ЈП „Улици и патишта“ – Скопје, а општината за овој проект од својот буџет издвои околу 4 милиони денари.