18 декември 2012 г.


По податоците според кои Македонија излезе од рецесија, доаѓа уште еден статистички податок кој испраќа позитивен сигнал за македонската економија. Невработеноста покажува знаци на намалување и во третото тримесечје е на ниво од 30,6 отсто.

 infograf
Активното население во Македонија изнесува 940.657 лица, од кои вработени се 652.498 или 69,4 отсто, а останатите 288.159 лица се невработени.
Според податоците на Државниот завод за статистика, невработеноста во третото тримесечје од 2012 е на ниво од 30,6 отсто. Во истиот период лани таа била на ниво од 31,2 отсто, додека во 2010 година 32 отсто од вкупното активно население во земјава било без работа.
Во периодот од јули до септември оваа година, имало вкупно 288.159 невработени од кои 62 отсто или 178.983 мажи и 109.176 или 37 отсто жени.
Најголем процент на невработени се лица на возраст од 15 до 24 години со 52,1 отсто, потоа лицата на возраст од 25 до 49 години со 29,5 отсто и на крајот од 50 до 64 години со 24,1 отсто.
Од вкупниот број на невработени лица, најголем дел се оние со средно образование, односно 121.165 лица, потоа следат оние кои имаат само основно образование или 76.165, па потоа следат високообразованите лица од кои 40.217 се невработени.
Анализирајќи ја стапката на невработеност ретроградно, во период од 1998 до 2011 година, највисоката стапка е забележана во 2005 година, кога 37,3 отсто од граѓаните биле невработени. Од 2007 година, таа стапка на лицата кои се работоспособни, кои активно бараат работа но, не може да најдат, е во постојан пад.