5 јануари 2013 г.


На вчерашната седница Владата на Република Македонија одлучила да бидат зголемени месечните износи на стипендиите за учениците кои што се запишани во средните училишта во учебната 2012 -2013 година.

sule-500
За ова денеска информираше владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој напомена дека оваа одлука значи дека месечните износи на стипендиите ќе бидат зголемени во просек за 25 проценти што значи дека ќе дојде до линеарно зголемување на месечните износи на стипендиите за сите пет категории на ученички стипендии во висина од 500 денари зголемување на месечниот износ на стипендијата.
Стипендијата за талентирани ученици спортисти, која што ја добиваат 120 ученици од досегашниот месечен износ од 2 200 денари се зголемува на 2 700 денари. Исто така стипендијата за талентирани ученици запишани во средното образование која што досега изнесуваше 2 200 денари на месечно ниво се зголемува на 2 700 денари.
Како што информираше портпаролот поради големиот број на кандидати кои што се имаат пријавено на конкурсот во оваа категорија владата донела одлука да биде зголемен и претходниот број на утврдени корисници кои што ја добиваат и претходниот број кој што изнесувал 50 ученици, сега е зголемен на 100 корисници,.
Педесетте корисници на стипендијата за ученици со посебни потреби која што досега добиваа по 2000 денари на месечно ниво, отсега ќе добиваат по 2 500 денари. Исто така ќе се зголеми и месечниот износ на стипендиите за учениците кои што потекнуваат од социјално ранливи семејства од 1500 на 2000 денари.
Исто така и стипендиите за деца без родителска грижа ќе бидат зголемени од досегашните 2000 на 2500 денари.
Ѓорѓиев напомена дека просечно, зголемувањето на стипендиите по лице корисник на годишно ниво е 5000 денари.
Тој соопшти дека финалната листа на учениците коишто се здобиле со стипендии ќе биде објавена следната недела на веб порталот на министерството за образование.