25 јануари 2013 г.

Атмосферска канализација и нови паркинзи на ул. “Божидар Аџија”

Општина Кисела Вода продолжува со тековните активности за урбанизација на целата нејзина територија. Добрите временски услови овозможуваат градежните фирми кои имаат добиено тендери за работа во општината, градежните активности да ги изведуваат со полна пареа. 

Имено, екипите на фирмата “Урбан Инвест” по налог на Општина Кисела Вода продолжија со изградба на јавни паркиралишта на неколку локации во општината. По успешно реализираните две јавни паркиралишта на улицата “Христо Татарчев” (поранешна “Сава Ковачевиќ”), деновиве градежните работници започнаа со урбанизација на просторот на улицата “Божидар Аџија”. На оваа акција претходеа активности за поставување на атмосферска канализациона мрежа за еден дел од оваа улица во должина од околу 105 метри. За таа цел, фирмата А.Д. “Енергомонт” од Скопје  постави коругирани (ребрасти) до профил Ф 150 мм и Ф 250мм, а се монтираа и армирано-бетонски сливници со профил Ф 500 мм. 


Целокупната урбанизација на овој простор ќе заврши со изградбата на две јавни паркиралишта и тротоари околу средното економско училиште “Васил Антевски – Дрен” и студентскиот дом “Пелагонија”, односно на местото на отстранетите времени објекти. Вкупната површина која партерно ќе се уреди ќе се простира на околу 1000 квадратни метри.