6 јануари 2013 г.


Скопје во чекор со најатрактивните светски метрополи. По интензивното урбанизирање и модернизирање на градот, најавата за изградба на скопскиот Аква парк наиде на бура позитивни коментари од граѓаните.

akva
Премиерот Никола Груевски денес го означи стартот на изградбата на паркот за љубителите на адреналинот на вода. Аква паркот ќе биде во состав на СЦ „Борис Трајковски“, покрај кејот на реката Вардар.
Со изградбата на овој објект, којшто е дел од програмата на Владата, се оценува дека се оди чекор напред кон модернизација на метрополата, туристичка атракција, општествено јавно добро во кое ќе се рекреираат граѓаните.
-Ние создаваме и градиме и ќе продолжиме да градиме. Делата се она по што се мериме, тие остануваат, се вреднуваат и се гледаат. Од нашите дела корист имаат сите граѓани на Република Македонија. На ова место, непосредно до Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за неколку месеци ќе биде изграден уште еден уникатен објект за забава и релаксација со културни, трговски, едукативни и спортски содржини. Аква паркот ќе претставува вистинска атракција за жителите на Карпош и на Скопје, но и пошироко за сите домашни и странски туристи, рече премиерот
Аква паркот е проект на фирмата Темон, а изведувачи на градежните работи ќе бидат Полин од Турција, компанија која има реализирано преку 2.000 аква паркови ширум светот, како и Жикол од Струмица и Електроунион од Скопје.
Груевски потенцираше дека Владата продолжува да вложува во спортските објекти, но и во здравството, образованието, инфраструктурата, земјоделството и други области.
Аква паркот најверојатно ќе биде готов до почетокот на летната сезона.
Истиот ќе стане летна атракција и ќе овозможи сезонски вработувања.
Директорот на СЦ Борис Трајковски, Ратко Капушевски истакна дека изградбата на уште еден објект во спортскиот центар ќе биде од корист на граѓаните.
- Иако е светска економска криза и време кога се крати на трошоци успеавме да обезбедиме средства за изградбата на оваа капитална инвестиција која не е луксуз, туку има повеќе позитивни аспекти меѓу кои и фактот дека во неговата изградба ќе бидат вклучени преку 200 работници и бројни компании кои ќе имаат пласман на своите производи. Најважно од се е рекреативната форма на ова јавно добро кое е достапно во летната сезона кога децата се на распуст и кое ќе претставува социолошка бариера во ова време на пороци во форма на рекреација и забава, рече Капушевски.
Според најавите, во самиот објект проектирани за изградба се базен со бранови, мрзлива река, еден ресторан, две кафитерии. Рестораните ќе бидат од познати брендови, McDonalds или BurgerKing. Ќе има 10 тобогани, меѓу нив spaceball, бумеранг и дополнителни содржини покрај големите тобогани. Ќе има детски базен со т.н. детски свет со содржина „Пиратите од карибите“.