26 јануари 2013 г.


Во демократска партија кога некој шест пати ќе загуби избори, без прашање и без двоумење тој веќе не е шеф на партија, изјави денес Драган Павловиќ Латас на трибина на институтот „Павел Шатев“.

latas500
-Она што Црвенковски го бара на маса со Груевски да договорат што понатаму е изместување и одземање на правото на гласачите кои решиле што понатаму за наредните четири години и доколку Груевски прифати во четири очи или на округли маси да се договорат политички процеси кои припаѓаат на Собранието, тоа значи дерогирање на Собранието, рече Драган Павловиќ Латас.
Тој не верува дека Груевски би бил соучесник во тој процес, бидејќи како што рече, во ВМРО-ДПМНЕ владеат поинакви процеси отколку во СДСМ.
Латас истакна дека Црвенковски ниту еднаш не побарал да седне на маса со Груевски со цел да се решат клучните прашања за Република Македонија.
-Како што се заеднички, ставот да биде деклариран и потпишан од страна на СДСМ и ВМРО, во однос на грчкото непризнавање на македонското уставно име, во однос на проблемите кои доаѓаа 2001-та од Косово, во однос на воспоставување на пријателски и добрососедски односи со Бугарија, во однос на  непризнавањето на Република Албанија на Република Македонија под уставното име што воопшто не е небитно прашање, што значи за ниту едно државно прашање Црвенковски не побара заедничка маса и договор со Груевски, туку само за неговите партиски прашања, истакна Латас.
Тој заклучи дека гласачите не смеат да прифатат политички процеси кои припаѓаат на Собранието да се случуваат на улица, бидејќи како што рече со тоа се уништува правото на глас и се поништува идното право на глас.
Латас во своето обраќање го потенцираше фактот дека не постои демократија на улица, односно, дека според него такво нешто не постои, демократијата според Латас се случува исклучиво во институциите.
-Кога би можеле 20-25 луѓе да сопрат процес во собрание, тоа ќе се случува во цела Европа. Ќе застанат пред врата, ќе речат денес не работите, ќе продолжите да работите тогаш кога ние сакаме. Тоа за Македонија е екстремно опасен процес, рече тој.
Латас додаде дека СДСМ во моментов добива сериозни опомени од меѓународната заедница поради нејзиното однесување.