Кандидатурата за градоначалник на Кисела Вода за мене претставува пред се предизвик и мотив за реализирање на веќе започнатите проекти, но и за отпочнување на нови кои ќе го унапредат животот на граѓаните од оваа општина.
Ова го истакна кандидатот за градоначалник на Кисела Вода од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Беличанец- Алексиќ, барајќи ја подршката од граѓаните за да ги исполни сите замислени проекти.
-Најзначајните проекти кои се содржани во мојата програма се во насока на подобрување и подигање на степенот на квалитетот за здрава и функционална животна средина. Како жител на Кисела Вода се обврзувам пред граѓаните да им го понудам она што навистина го заслужуваат. Општината која е една од најстарите и најголеми општини во Скопје заслужува да е во чекор со времето и конечно да стане модернизирана и урбана средина, истака Беличанец- Алексиќ.
Довршување на започнатата втора фаза на булеварот „Борис Трајковски“, подобрување на водоводниот систем, на канализациската и атмосферската мрежа, изградба на Културен центар, изградба и реконструкции на спортски терени, градинки и училишта, се само дел од приоритетните проекти зацртани во изготвената програма на Беличанец- Алексиќ и нејзиниот тим.