23 септември 2012 г.


Груевски: Во 2013 пензиите ќе се зголемат за околу 7 отсто.

Македонија мора да  продолжи со одржување на здрави макроекономски политики и спроведување на реформите, истакна денеска премиерот Никола Груевски во обраќањето пред претставниците на трите стопански комори.
Тие политики вклучуваат понатамошно одржување на ниски стапки на даноци и придонеси. – Во тој контекс ќе го одржиме ветувањето дадено на бизнисмените и на граѓаните. Владата нема да зголеми ниту еден денар данок во Република Македонија, изјави Груевски.
Најави интензивирање на крупните капитални инвестиции како што е изградбата на коридорот „Александар Македонски“ и по можност на други автопати, изградбата на гасоводната мрежа, на пругата од Бугарија и Албанија и реконструкција на пругата на Коридорот 10, изградба на крупни енергетски проекти  и слично. Продолжување со структурни реформи за подобрување на бизнис климата и конкурентноста на економијата, обезбедување на поволни кредитни линии за малите и средни претпријатија од Европската инвестициска банка со повластена каматна стапка.
- Дозволете во оваа прилика да најавам дека штом ќе се влезе во поголемо искористување на кредитната линија субвенционирана камата од 5,5 отсто, чија последна транша е 100 милиони евра, во текот на следната година Владата ќе обезбеди нови 100 милиони евра под исти услови со цел ублажување на последиците од европската должничка криза, рече премиерот.
Груевски најави  дека Владата ќе го реализира ветувањето за зголемување на пензиите и социјалните помошти за 5 отсто почнувајќи од март следната година, додека зголемувањето на платите во јавната администрација ќе биде одложено за една година.
- Пензиите ќе пораснат и за околу 2 отсто заради законските усогласувања со растот на трошоците што заедно ќе биде околу 7 процентно зголемување. Во овој момент останува само една дилема дали зголемувањето на пензиите да биде како процент од зголемување од 5 отсто или линеарно зголемување со еднаков апсолутен износ за сите пензионери во Македонија. Многу е веројатно дека Македонија во 2013 година ќе биде единствената или една од ретките земји во Европа која во ваките услови ќе најде начин да ги зголеми пензиите на пензионерите и социјалните надоместоци за лицата приматели на социјални помошти, изјави премиерот Груевски.
Во 2013 година, рече тој, земјата ќе продолжи со низок буџетски дефицит и ниско ниво на задолженост.
- Во 2013 година нема да дозволиме ниту масовни отпуштања од администрацијата заради заштеди во буџетот, ниту намалување на платите, нема да се зголемат даноци, инфлацијата ќе биде ниска околу 2,5 отсто, субвенциите на земјоделциите, пензиите, банкарскиот сектор и денарот ќе останат стабилни. Владата ќе продолжи со засилено инвестирање во изградба на инфраструктура во развојно технолошките зони и во индустриските зони, рече меѓудругото Груевски во обраќањето пред претставниците на стопанските комори.