Со оглед на фактот дека Предлог-буџетот за 2013 година беше донесен во тешки услови, како во европската, така и во домашната економија и има за цел заштита на најранливите категории во државата, очекувам да биде донесен рече министерот за финансии Зоран Ставрески.

-Буџетот за 2013 година има за цел да се заштити социјалната стабилност и да се обезбди економски раст на државата. Макроекономските проекции за наредната година се раст на бруто домашниот производ од 2 отсто, како резултат на позитивното влијание на странските директни инвестиции и на капиталните инвестиции, рече Ставрески
Вкупниот буџет за 2013 година е зголемен. Најголемо зголемување има во секторот здравство 13 отсто, социјална заштита 10 отсто, право 9 отсто, а потоа следат образование, спорт и култура.
Во насока на намалување на последиците од економската криза, како што рече Ставрески во Предлог-буџетот за 2013 година предвидено е зголемување на пензиите од 5 отсто, односно 7 отсто заедно со претходното зголемување, потоа зголемување на социјалната помош од 5 отсто и субвенции за земјоделците од 135 милиони евра. Капиталните инвестиции за наредната година се зголемени за 10 отсто, а во нив влегуваат неколку крупни инфраструктурни проекти.
– Планиран е низок буџетски дефицит и државен долг. Со овој буџет планираме да останеме меѓу четирите најниско задолжени земји и да го задржиме интересот за инвестиции, рече Ставрески.