| Општина Кисела Вода ќе се збратимува со Општина Левски од Република Бугарија |
Општина Кисела Вода денеска и утре е домаќин на делегација од општината Левски, Република Бугарија, предводени од кметот на општината, г-ѓата Љубка Александрова и претседателот на Советот на општината, Дочко Дочев. Гостите од Република Бугарија беа срдечно пречекани од домаќините, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, општинската администрација и членовите на Советот на општината. Градоначалникот Ѓорчев ги запозна гостите со генералиите на општината Кисела Вода, можностите и потенцијалите на општината за економски развој, како и со општествениот и културниот живот во општината. Тој ги претстави можностите и сферите во кои двете општини можат да соработуваат во иднина, а кои првенствено се однесуваат на обласите во делот на културата, спортот и образованието. “-Можностите за соработка помеѓу нашите две општини се бројни. Со колешката од општината Левски, г-ѓата Љубка Александрова се договоривме партнерските односи и соработката примарно да ја започнеме во делот на културата и спортот. Тоа значи нашите културно-уметнички друштва да гостуваат кај нив, а нивните ансамбли да гостуваат на нашето културно лето “Три круши” – информираше градоначалникот Ѓорчев. Тој укажа дека одлична соработка може да се спроведе и во делот на училишниот спорт. “-Планираме соработката да се одвива паралелно и на спортско ниво. Веќе следната година, ученици од основните училишта од општината Левски може да учествуваат на меѓународниот куп “Св. Ѓорѓи”, кој општината го реализира во рамките на одбележување на својот патронен празник “6-ти Мај – Ѓурѓовден” – изјави градоначалникот Ѓорчев. Гостите од општината Левски во рамките на службената посета присуствуваа и на 52-та пленарна седница на Советот на општината Кисела Вода и директно се запознаа со работата на Советот. Ова беше прва официјална средба на претставниците од двете општини, а официјалната постапка за воспоставување партнерство и соработка ќе започне следната година, кога делегација од Општина Кисела Вода ќе ја посети општината Левски. Општина Кисела Вода во април годинава воспостави меѓународна соработка и со општината Бахчелиевелер од Истанбул, Република Турција. ![]() ![]() |

