Во врска со заклучоците поврзани со евроинтегративниот процес на Република Македонија, директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски излезе на прес конференција во рамки на која информираше за ставовите на владејачката партија.

- Прво, сакаме да потенцираме дека овој самит на ЕУ беше одлична шанса да се поддржат напорите и идеите на Европската Комисија, инаку орган на ЕУ, која предложи по четврти пат до Советот, согласно нашите постигнувања и извршени реформи, да се додели датум за почеток на преговори со Република Македонија. Моделот кој го предложи Комисијата, за нас беше прифатлив и ние го сторивме нашиот максимум да ја изразиме нашата подготвеност за имплементација на тој модел. Тој модел бараше преку т.н. паралелни преговори, да се создаде конструктивна атмосфера и услови за брза имплементација на реформи и овозможување услови за паралелно решавање на спорното прашање за името кое го наметна нашиот јужен сосед. Овој модел беше добра можност за двете страни да ја изразат својата конструктивност во процесот и да продолжат понатаму кон заедничката идеја интеграција на регионoт во ЕУ, рече Димовски.
Тој рече дека иако е направен сосема мал напредок, од владејачката партија сакаат да го искажат силното разочарување од тоа што се случи на Самитот
- ВМРО-ДПМНЕ сака јасно да ИЗЈАВИ дека вчера на Република Македонија ПОВТОРНО и беше нанесена неправда, рече тој.
- Вчера ЕУ пропушти шанса да даде понатамошна поддршка за стабилизација и интеграција на целиот регион на Западен Балкан во ЕУ. Република Македонија има целосно право да биде разочарана од непринципиелните одлуки, рече тој.
Димовски рече дека и по оваа неправда, согласно утврдените интереси на државата и нејзините приоритети Република Македонија ќе продолжи да ги спроведува реформите.
- Вчерашните одлуки во Европската Унија се плод и израз на неконструктивноста на нашиот јужен сосед, кој наспроти декларативните заложби за поддршка на проширувањето на ЕУ, повторно не смогна сили субјективниот интерес да го стави на страна и под регионалниот и општиот интерес, рече тој.
На крајот на прес конференцијата Димовски изрази благодарност до пријателите на Македонија.
Тој рече дека Опозициската СДСМ, сосема очекувано ја обвинила директно владејачката партија за неправдата и напомена дека тоа е неприфатливо. Пратеникот од редовите на владејачката партија повика наместо меѓусебни обвинувања на зацврстување на консензусот внатре во државата. Тој рече дека наместо меѓусебни обвинувања треба да продолжиме да работиме заеднички.