Од досегашната расправа во Собранието на Република Македонија нема простор за голем оптимизам околу решавање на прашањето за донесување на буџетот. Ова го потврди и министерот за финансии Зоран Ставрески и уште еднаш апелираше до СДСМ и до опозицијата да го деблокираат процесот за навремено донесување на буџетот на Република Македонија.

Ова го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на паузата на Конференцијата за започнување на проектот „Обука за внатрешни ревизори во јавниот сектор“ (TAIPS) во одговор на новинарско прашање.
-Ваквото однесување на СДСМ на никому не му оди во прилог, особено не на државата, бидејќи буџетот е најважен документ за државата и за финансирање на јавниот сектор. СДСМ треба да покаже поголема одговорност и да не го одолговлекува донесувањето на буџетот и финансирањето од Светска банка, рече Ставрески
Според него, навременото донесување на буџетот и искористување на средствата од Светска банка е значајно за државата од повеќе аспекти. “Буџетот треба да се донесе до крајот на годината и тоа е многу важно прашање на сите категории граѓани кои се финансираат од буџетот“, додаде Ставрески.
-Успеавме во вакви тешки услови на економска криза во Европа од Светска банка да добиеме кредит по многу ниска каматна стапка и затоа треба да ги искористиме овие средства. Ако опозицијата не го одблокира процесот за донесување на буџетот ќе и нанесе штета на државата од 84 милиони евра. Овие средства државата ќе ги плати за повисоките каматни стапки на кредитите доколку се задолжи на меѓународниот пазар на капитал, рече Ставрески.
Тој апелираше до опозицијата да ги земе во предвид овие аргументи и уште еднаш да размисли дали ќе продолжи да го блокира процесот на донесување на буџетот.
Министерот Ставрески информираше дека нема нови амандмани од досега поднесените вкупно 1226. Меѓутоа, рече дека ние сме единствена земја од 27 земји членки на ЕУ и од земјите од регионот каде што опозицијата поднесува 1226 амандмани само на буџетот, а ако се земат во предвид и 160-те амандмани на заемот за буџетска поддршка тоа е навистина премногу.
Тој изрази чудење од опозицијата зашто токму сега реагира на ваков начи, бидејќи претходно државата добила 14 вакви идентични заеми, а опозицијата немала амандмани на истите.
Доколку не се донесе буџетот во таква ситуација настапува времено финансирање, меѓутоа, според Ставрески тоа не е добро за државата, а е лош сигнал и за инвеститорите.