26 декември 2012 г.

Весела згода во Кисела Вода! – голема новогодишна забава во паркот “Македонија”

Општина Кисела Вода ќе ја пречека Новата Година заедно со своите граѓани, со спектакуларен настан. Најпопуларните македонски поп и фолк изведувачи ќе настапат на бесплатен концерт во новиот парк „Македонија“ во населба Кисела Вода во Скопје. 
Официјалната програма ќе се состои од настапи на Миле Кузмановски, Бени Шаќири, Тамара Тодевска, Ристо Самарџиев, Мики Јовановски Џафер со бендот, Верица Пандиловска и група Академци, кои ветуваат незаборавна забава за пречек на најлудата ноќ. Главен виновник за загревањето на атмосферата ќе биде популарниот македонски актер Сашко Коцев, кој ќе го води настанот.
-„Како и претходната, и оваа година сакаме да направиме спектакуларен настан за сите жители на Општина Кисела Вода и на Градот Скопје и да приредиме незаборавна забава. Ги поканувам сите граѓани да дојдат и заедно да ја дочекаме Новата 2013-та Година, да уживаме и да се веселиме со најпознатите хитови, во изведба на најголемите ѕвезди на македонската музичка естрада.“ - изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Марјан Ѓорчев на денешната прес-конференција.
Концертот ќе се одржи на 31-ви декември, понеделник, во реконструираниот  парк „Македонија“, кој се наоѓа пред објектот на поранешното кино во населба Кисела Вода и ќе биде бесплатен за сите посетители. Официјалниот почеток е закажан за во 21.00 часот, а во текот на денот ќе има детска програма, забава и активности за најмладите во организација на училиштата од општината. 
На конференцијата за печат присуствуваа и дел од изведувачите, кои ќе настапат за дочекот на “најлудата ноќ”. 
–“Сакам да го поздравам и да му честитам на градоначалникот на Кисела Вода, што ја почитува македонската забавна и народна музика и за секој културен настан, а особено за новогодишниот дочек во Кисела Вода ќе се пее исклучиво македонска музика” – порача Верица Пандиловска.   
Со сличен став излезе и Миле Кузмановски, кој на граѓаните на Скопје им порача да дојдат во паркот “Македонија” на 31-ви Декември и заедно да се забавуваат, со цел барем за миг да заборават на сите проблеми кои ги носи животот
.