12 декември 2012 г.


Промовирана првата е-продавница за туризам во Македонија


Во продавницата, финансирана од МИОА, посебен акцент се става на природните убавини, историјата и културата на Македонија, со големи можности за афирмација на алтернативните форми на туризам, преку понуди за сместување, храна и организирање туристички тури со домашни и странски туристи, информира Биљана Стевановска, директор на Rезервирај Ме и на граѓанската организација ОРТ.
Екосоцијалната страна на продавницата се состои во тоа што  парите од профитот ќе се наменат за вработувања и заштита на животната средина.
Според статистичките податоци, наведе, од граѓаните кои купувале на интернет во Македонија во првиот квартал од годинава, 19,4 проценти резервирале хотелско сместување и други сместувања за одмор, а 12,4 проценти  купиле билети за настани, кино, театар, опера....
Според министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, интересот кај граѓаните од претходно промовираните електронски продавници преку МИОА е  голем. - Само тила.мк, што е промовирана  пред неполни шест недели, има над 10.000 посетители на веб страницата, а веледрогеријата  Мартиалко над 3.600 посетители. Не верувам дека доколку тие би останале  на класичната продавница би имале толку голем број посетители за само три до шест недели, рече Ивановски.