Додека дел од членството на СДСМ секојдневно е на протести и се мрзне по улиците, челниците на партијата уживаат во луксузни патувања и се релаксираат во зимските рекреативни центри во соседството, пишува Нетпрес.
Според информации на порталот, секретарот на СДСМ, Андреј Петров уживал во снежната идила во ски-центарот Банско, кај нашиот источен сосед. Петров не демантира дека патувал во Бугарија, но вели дека не одморал, туку само го однел своето семејство.
-Моментално сум во Скопје. Точно е дека бев во Банско, Бугарија, но само да го оставам семејството и се вратив. Знаете јас сум семеен човек и мое право е да одам каде сакам. Но, сега сум тука и ќе ме видите на сите протести, изјави за Нетпрес, Андреј Петров.
И актуелниот градоначалник на Струмица од СДСМ, Зоран Заев потврдува дека бил надвор од земјава, но не за одмор , туку поради семејни причини.
-Јас бев надвор од државата само два дена, заради семејни причини, вели Заев за Нетпрес.
Заев во СМС порака реагира дека новинарот на Нетпрес претерал со прашањата и вели: “И јас сум човек со душа и срце. И јас имам еден живот како и вие“.
Нетпрес побара одговор и од Зоран Јовановски, но тој бил недостапен за коментар.