28 јануари 2013 г.

ВМРО-ДПМНЕ со програма, СДСМ на улица

Начинот на кој се конципирани програмите на ВМРО-ДПМНЕ и начинот на кој засега настапува СДСМ – со улична демократија - ќе се одразат и врз типот на кампањите што ќе ги водат до 24 март.

Тие размислуваат како да креираат проблем во државата, а ние како да решиме некој проблем на граѓаните, вели Никола Тодоров, шеф на РИШ на ВМРО-ДПМНЕ
Најголем адут со кој ќе настапуваат кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 24 март ќе бидат проектите за зголемување на бројот на вработените во општината. 
Партијата на Бранко Црвенковски има сосема друг метод со кој привлекува гласачи - со секојдневно блокирање улици.
Сите кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат своја програма. Сепак, сите програми ќе имаат нешто заедничко, а тоа е дека секој кандидат мора да предложи инфраструктурни проекти, потоа мора да има дел за развој на политики во образованието и трет дел кој ќе се однесува на привлекување инвестиции и создавање нови работни места.
- Овој дел од програмата ќе биде особено битен и ќе се содржи во понудата за речиси сите општини. Главно е градоначалникот, согласно своите надлежности, да креира амбиент со кој ќе привлече нови инвестиции во општината, што ќе значи и зголемување на вработеноста во неа. Секако, ова во различни општини ќе значи различно - некаде ќе биде преку создавање индустриски зони, некаде измени на урбанистичките планови, некаде ќе значи намалување или ослободување од давачки кои се општински, некаде подобрување на комуналната инфраструктура и слично – открива Тодоров.
Еден проект или програма треба да помине низ три партиски и еден експертски филтер за конечно да биде ставен на хартија. Прво се собираат идеите од граѓаните, а кандидатот за градоначалник што конкурирал за ова место во партија мора и самиот да предложи концепт на програма. Вториот филтер се локални партиски тимови кои прават првична селекција на проектите и изготвуваат драфт-верзија. Потоа доаѓа експертскиот тим на централно ниво, кој ги разгледува проектите и одлучува дали некој проект е реален или не. На крај доаѓа централно партиско тело кое ја дава последната дозвола за програмата.
- Да се напише една добра програма не е лесно и тоа е повеќемесечна работа. Веќе подолг период се собираа идеи од граѓани. Во многу општини беа отворени и штандови на кои беа присутни партиски функционери кои директно добиваа информации од граѓаните за тоа што им е битно во таа општина. Граѓаните може да се обраќаат и во партијата по електронски пат со свои идеи. Притоа се формирани и тимови од партиски луѓе, но и експерти кои сами креираа проекти - објаснува Тодоров.