1 февруари 2013 г.

Владата со нови програми за 2.000 нови вработувања

Со нови пакет мерки, Владата ќе го поддржи вработувањето на дополнителни нови 2.000 вработувања.
ace_vlada-500
На последната седница Владата вовела пет нови програми со кои ќе се вработат дополнителни нови 2.000 лица, како што информираше портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
За програмата Обука кај познат работодавач, со која ќе се вработат нови 850 лица, се одвоени 19 милиони денари.
Во оваа програма приоритет ќе имаат лицата на возраст од 25 до 49 години.
Оваа програма е наменета за лицата со основно и гимназиско средно образование. Обуката за овие лица ќе трае три месеци, а тие ќе добиваат финансиска исплата од Владата во износ од 5.700 денари.
Работодавачот по истекувањето на обуката ќе биде обврзан да вработи 50% од лицата и најмалку 6 месеци да ги задржи во работен однос. Исто така, како што напомена портпаролот, се планира и финасиска поддршка и за работодавачите која ќе изнесува од 4000 до 20 000 денари, во зависност од бројот на вработени лица.
Со втората програма Обука кај познат работодавач со субвенционирање ќе бидат вработени 250 лица. За оваа програма се одвоени 9 милиони денари. За тримесечната обука лицата исто така ќе добиваат надоместок од Владата во износ од 5.700 денари, а покрај тоа ќе им бидат подмирени сите давачки за засновање на работниот однос.
По обуката во период од три месеци Владата на овие лица ќе им исплаќа износ од 13.000 денари како дел од плата.
Работодавачот е обврзан да задржи дел од овие лица во работен однос најмалку една година.
Третата програма опфаќа Oбука за професии кои се дефицитарни на пазарот за труд и за неа се одвоени 14 милиони денари, а ќе се вработат околу 250 лица.
Во рамките на оваа програма се планира тримесечна обука за лицата, на кои државата ќе им исплаќа надоместок од 6 200 денари. Како што напомена портпаролот, по завршувањето на обуката, овие лица ќе имаат сериозни шанси да се вработат во странските компании кои што инвестираат во нашата држава, а станува збор, најчесто за професиите од електротехниката, енергетиката итн.
За четвртата програма Поддршка на практиканство, Владата одвои 5 милиони денари.
Како и во претходните програми и со оваа програма се предвидува тримесечна обука, за време на која лицата ќе добиваат надоместок од државата во износ од 6 200 денари, а по завршувањето на обуката работодавачите ќе преземат обврска да вработат најмалку 30 отсто од овие лица и да не го намалат бројот на вработени лица во период од една година.
За петтата програма Развој на информатичко општество се одвоени 4 милиони денари, а со неа ќе се вработат околу 500 лица. Во рамки на оваа програма за пријавените лица, исто така ќе следува двомесечна или тримесечна обука.
-Сите овие мерки, календарот кој што ги содржи, заедно со сите оние кои што претходно беа објавени, а кои што се однесуваат на директните финансиски плаќања во понеделник ќе бидат официјално објавени на веб страната на Агенцијата за вработување, на веб страната на Владата на Република Македонија и се разбира преку средствата за јавно информирање, како би можеле сите заинтересирани субјекти да аплицираат за добивање на овие средства и за засновање на работен однос, рече Ѓорѓиев.
Тој информираше дека сите овие мерки, програми кои што опфаќаат околу 4000 нови работни места биле поднесени кон Антикорупциската комисија за да даде потврда на нивната законитост и на почитување на процедурите. Добиле позитивен одговор и од понеделник ќе бидат распишани огласи преку кои што и работодавците и лицата кои што бараат работа ќе може да аплицираат за да добијат финансиска помош и поддршка за да го засноваат својот работен однос.