Однесувањето на СДСМ во изминатиов период е политичко блефирање, а партијата и покрај најавата за бојкот, сепак ќе излезе на локални избори.

Извори од партијата велат дека Црвенковски ќе отстапи од ултиматумот, па без предвремени парламентарни, ќе бара доверба од граѓаните на локални избори. Доказ дека тоа е така е фактот што и неговите најблиски соработници, наголемо се подготвуваат за избори.
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје, Јани Макрадули, веќе води предизборна кампања, посетувајќи неколку изборни единици. Со граѓани од неколку скопски организации, средби одржуваат и други претставници на СДСМ, како координаторот на пратеничката група, Игор Ивановски.
Тие разговараат со гласачкото тело, но не му нудат ништо. СДСМ ги најави кандидатите, но не и програмата со која тие ќе бараат доверба од нив.
Најголемата опозициска партија создава хаос на улица, наместо да промовира проекти и програма. Челниците останаа глуви на барањата од владејачката партија, разликите да се решаваат во институциите.
Повикувајќи на мирно решавање на вештачкиот проблем и делување преку и во институциите, владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги промовира своите кандидати низ републиката. Кандидатите на владејачката партија пред граѓаните излегоа со отчети за сработеното и со нова програма со која ја бараат довербата уште еднаш. Проектите кои тие ги сработиле во насока на зголемување на бројот на вработени, ќе бидат најголем адут за изборите.
- Тие размислуваат како да креираат проблем во државата, а ние како да решиме некој проблем на граѓаните, изјави неодамна за Дневник, Никола Тодоров, шефот на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Црвенковски самиот на себе ќе си нанесе штета, а најмногу на градоначалниците од неговите редови, ако не излезе на локални избори. Нејасна е потребата од блефирање на неполни два месеци пред локалните избори.
Според извори од партијата, веќе се готови голем број од советничките листи, а најголемата опозициска партија се надева на подобар успех од минатите избори, кои што повторно беа закажани по нивно барање.