13 март 2013 г.

ИНТЕРВJУ: БИЛJАНА БЕЛИЧАНЕЦ-АЛЕКСИЌ

Да ги гледаш нештата со очите на граѓаните, да ги слушаш проблемите и идеите со ушите на граѓаните, да говориш и пред с` да се залагаш за изнаоѓање решенија со мотивот и поривот низ призмата на потребите на граѓаните, е адутот со кој кандидатот на владејачката партија ќе се обиде да ја добие довербата во оваа општина
Она што ни се чини невозможно ќе стане возможно, а она што е визија ќе стане реалност. Ова е првата реченица што театарската, телевизиска и филмска актерка Билјана Беличанец-Алексиќ ја посочи како мотив што ја натера да ја прифати кандидатурата понудена од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Kисела Вода. Изградба, доработка и реконструкција на атмосферска и фекална канализација низ целата општина, изградба на нов училишен објект на ОУ „Невена Ѓеорѓиева-Дуња“, дислокација на Центарот за зависници и многу други проекти се дел од агендата што се заложи да ја оствари Беличанец-Алексиќ доколку ја добие поддршката од граѓаните на оваа скопска населба.
Kои проекти ќе Ви бидат приоритет ако ја добиете поддршката и довербата на граѓаните на општина Kисела Вода?
Постојат проекти што ќе имаат исклучително значење за економскиот и инфраструктурниот развој на општината. Би ги потенцирала развојот на индустриската зона на бул. Борис Трајковски, втора фаза на проширување на истиот булевар и добивање модерно булеварско решение со четири сообраќајни ленти. Исто така, ќе се заложиме за градба, доработка и реконструкција на атмосферска и фекална канализација низ целата општина, изградба на нов училиштен објект на ОУ „Невена Ѓеорѓиева-Дуња“, дислокација на Центарот за зависници, изградба на нов објект на ОУ „Рајко Жинзифов“ и многу други проекти што ќе придонесат за убав и квалитетен живот во оваа општина.
Kој е Вашиот најголем адут за претстојните локални избори?
Да ги гледаш нештата со очите на граѓаните, да ги слушаш проблемите и идеите со ушите на граѓаните, да говориш и пред с` да се залагаш за изнаоѓање решенија со мотивот и поривот низ призмата на потребите на граѓаните.
Дали во наредниот мандат, ако ја добиете довербата на граѓаните, целосно ќе ја ставите во мирување актерската професија?
Ако стасам на местото по патот по кој тргнав, с` ми се чини дека денот од 24 часа ќе е краток за дејствување. Но, секако, ако треба да се почитува Законот, а ако тој не дозволува, да, подготвена сум. Но не гледам причина зошто не би си дозволила кратка оддишка барем еднаш-двапати месечно да се подружам со моите ликови, со мојата фела, со моето актерско семејство, односно со моите драги колеги.
Kако ја оценувате соработката со Вашиот претходник од владејачката партија, Марјан Ѓорчев, во текот на изборната кампања?
Секојдневната комуникација со Ѓорчев како актуелен градоначалник на Општина Kисела Вода е потврда дека сум поддржана од негова страна. Токму во мојот иден мандат, доколку станам градоначалник, дел од почнатите проекти од неговата програма ќе бидат реализирани.
Со оглед на големата поддршка што ја има Вашата партија во општина Kисела Вода, кои се Вашите очекувања од годинашните локални избори?
Се додека човек не се изложи на тест, нема да знае колкави се неговите вистински способности. Да, ова е голем тест и за мене и за моите сограѓани. Очекувам фер и демократски локални избори, на достоинствен начин и со достоинствена програма да се дојде до победа.