Рејтингот на опозициската СДСМ паѓа во континуитет. За три проценти е паднат само минатава година.

Со процентот на партијата паѓа и рејтингот на лидерот Црвенковски. Најновата анкета на Републиканскиот институт ИРИ покажува дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ има стабилна поддршка од 27 отсто, наспроти опозициската СДСМ чија подршка изнесува 13 отсто. Црвенковски има рејтинг од само 5 отсто, помалку дури и од струмичкиот градоначалник Зоран Заев.
ИРИ е угледен меѓународен институт кој има кредибилитет, потврдува и екс премиерот на земјава од редовите на СДСМ, Владо Бучковски во изјава за Утрински весник.
-Анкетата покажува дека граѓаните практично не препознаваат политичка алтернатива. Подолго време пишував во моите колумни за лошите потези на раководството на СДСМ, но тие тоа погрешно го разбраа, вели Бучковски за весникот.
Падот на рејтингот го отвора прашањето дали опозицискиот фронт составен од политичари како Љубчо Георгиевски и Стојанче Ангелов, наместо да му помогнат му одмагаат на Црвенковски. И како партија, СДСМ направи чекори во обид да стекне поголема доверба од граѓаните, но неуспешно.
-Во политиката два и два не се секогаш четири. Фрустрирачки за опозицијата треба да бидат резултатите од оваа анкета во време кога нема датум за преговори со ЕУ и во време на тешка економска криза. Овие анкети не се случајни. И странците се загрижени што седум години нема сериозна алтернатива на политичката сцена. По ’Работното лето’, митинзите, одењето од врата на врата, ова претставува лош влез за опозицијата во последната фаза од предизборниот период , додава Бучковски за Утрински.
Весникот повикувајќи се на извори од опозициската партија пишува дека добар дел од членовите на СДСМ се незадоволни од начинот на кој подолго време се води опозициската кампања. Како контрапродуктивни се покажаа потегот со септемвриската интерпелацијата на Владата, кога по 12 часа жестока расправа СДСМ излезе како губитник од Собранието, потоа поддршката за Законот за бранители со што социјалдемократите си дозволија луксуз да влезат во отворена битка со ДУИ, нивниот стратешки партнер, како и намигнувањето до ВМРО-ДПМНЕ за формирање етничка коалиција во Кичево....
Во пресрет на локалните избори најавени за март 2013, се јави незадоволство кај членството и за кандидатите на СДСМ за градоначалници. СДСМ бара и предвремени парламентарни избори, кои со вака намален рејтинг би и го донеле само седмиот и осмиот пораз.