Груевски: Грција го урива кредибилитетот на ЕУ
Го цениме тоа што напредокот во Македонија е препознаен во заклучоците на Советот на министри на ЕУ. Но, разочарани сме што повторно нема одлука за датум за почеток на заслужените пристапни преговори на Македонија. Јасно е дека ова претставува пропуштена можност суштествено да се придонесе кон постабилен и попросперитетен Балкан.
Ова се позициите кои премиерот Никола Груевски ги изнесе пред шефовите на држави и влади и лидери на политичките партии членки на Европските народни партии (ЕПП). На собирот што се одржува во Кралската академија во Брисел, тој го поздрави заклучокот со кој проширувањето останува клучна политика на ЕУ и најави уште посилен ангажман на реформите.
„Сакам искрено да им се заблагодарам на сите земји членки и на институциите на ЕУ кои работеа напорно за постигнување прогрес во однос на досието за проширување на Унијата. Ние нема да ги разочараме и ќе ги удвоиме сите наши напори во рамки на реформите и дијалогот“, рече шефот на Владата.
Не е прв пат да се соочиме со блокада. Нашиот јужен сосед, додаде, ја фаворизира праксата на непочитување на меѓународното право и на непридржување на преземените обврски.
„Тоа е предизвик за кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ. Нашиот одговор е вистински европски. Ќе продолжиме со реформите, ќе се ангажираме со сите сили за ширење на мирот, довербата и стабилноста во Југоисточна Европа. Верувам дека ова ќе биде вреднувано повеќе отколку праксата на блокади да се претставува поатрактивна“, истакна премиерот Груевски.
Во својот говор пред присутните, Груевски искажал надеж дека во наредните неколку месеци, продолжувајќи го Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како и разговорите со Грција под покровителство на ОН, но и внатре меѓу земјите-членки на ЕУ по ова прашање, дека сепак ќе се изнајде начин Македонија да го добие она што го заслужува.
„Свесни сме дека сме пред времето во однос на многу други држави во ЕУ, па неможејќи на тоа да најдат забелешка, повторно направија чекори со што го попречија добивањето на датум за преговори. Сепак, ние остнауваме на нашиот пат на исполнување на реформи и сме за отворен дијалог“, вели Груевски.
На собирот на ЕПП во Брисел учествуваа германската канцеларка Ангела Меркел, романскиот и албанскиот премиер Трајан Басеску и Сали Бериша, премиерите Жан-Клод Јункер (Луксембург), Виктор Орбан (Унгарија), Доналд Туск (Полска), но и претседателите на Владите на Бугарија, Бојко Борисов и на Грција, Андонис Самарас (Грција), како и голем број на претседатели, премиери и опозициски лидери од други европски држави.
Во однос на актуелните случувања во Македонија, донесувањето на буџетот и потенцијалните проблеми со субвенциите за земјоделците Груевски вели дека не знае како Црвенковски ќе ги погледне в очи земјоделците, социјалните случаи и пензионерите
„Секогаш кога во минатото Бранко Црвенковски тонел и кога неговата партија и тој лично немале идеи што да сторат, да станат поконкурентни за гласачкото тело и да прикажат некакви добри идеи за тој да стане атрактивен за гласачите и да гласаат за него, Црвенковски излегува со блокирање на иницијативи и предлози што ги дава власта со кои ќе го подобри животот на граѓаните. Таквата ретроградна и антидржавна политика, Црвенковски ја покажува со оваа блокада за да се спречи зголемувањето на пензиите, на социјалната помош, зголемувањето на субвенциите на земјоделците и многу други работи што се конструирани, а што се дел од новиот буџет и аранжманот со Светската банка и гаранцијата што банката ја понуди. Најпрво, Црвенковски се обиде да ја разубеди Светската банка, пишувајќи писмо до претседателот на банката дека во Македонија има лоши процеси. Тоа беше изненадување и за оваа институција, оти обично лидерите на опозицијата кога станува збор за надворешните односи и надворешниот настап, се трудат да помогнат, да направат нешто позитивно на земјата, а внатре во државата водат борба за различни идеи. Овојпат, како и многупати претходно, тој директно се обиде да и направи штета на Република Македонија на надворешен план. Да ја сопре поддршката од страна на Светската банка на Македонија, а со тоа да сопре и многу позитивни иницијативи и реформи што се одвиваат во нашата земја. За среќа доби одговор од банката дека Македонија направи одлични реформи, дека има прогрес и е одличен пример и дека нема воопшто високо задолжување, туку умерено кое е едно од пониските во Европа со 30 проценти од бруто-домашнито производ“, изјави Груевски на дописникот на МИА во Брисел.
