Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески во интервју за МИА вели дека Владата направи неколку добри потези во ублажувањето на негативните ефекти од глобалната економска криза.

-Владата донесе пакет антикризни мерки, во тек е раздолжувањето кон приватниот сектор по основ на поврат на ДДВ и исплата на фактурираните побарувања од јавниот сектор, вели Азески во интервјуто за МИА.
Според него, согласно оценките до крајот на годинава и деловните тенденции за наредната, не се очекуваат позначајни промени во јакнењето на надворешната побарувачка, а со тоа и благо опоравување на домашната потрошувачка. Предизвиците и борбата за опстојување ќе продолжат, помалку или повеќе кај сите сектори и дејности во македонското стопанство.
Во наведените услови на бизнис опкружувањето, како што истакнува Азески, досегашниот приоритет на Стопанската комора - забрзан економски раст и вработеност преку пораст на производството, извозот и инфраструктурните вложувања, се замени со друг - поттикнување на економските активности за стопирање на рецесиските тенденции.
- Имајќи ја предвид загрижувачката неликвидност и внатрешната задолженост на македонското стопанство, неопходно е, во соработка со Владата и НБРМ, да се разгледаат можностите за изнаоѓање соодветни решенија на тој план, да се формира гарантен фонд за обезбедување дополнителни гаранции кои на производните претпријатија ќе им овозможат полесен пристап до кредити при аплицирање кај комерцијалните банки, да се поттикнат стопанските активности преку целосна реализација на капиталните инвестиции при што јавните набавки ќе бидат целосно ставени во функција на активирање на домашните компании, сугерира Азески.