Иванов: Граѓаните очекуваат решенија, а не проблеми
Недозволиво е во третата деценија од нашата независност да сведочиме за насилство насочено кон и во демократските институции и уставниот поредок, реагира претседателот Ѓорге Иванов, по понеделничките случувања во и околу Собранието.
Во писмената реакција претседателот Иванов вели дека со голема загриженост ги следел случувањата и изрази жалење за немилите сцени, надевајќи се дека случувањата никогаш нема да се повторат.
„Вчера се случи она на што предупредив во моето годишно обраќање. Очигледно моите апели не беа послушани. Уште еднаш ќе повторам. Не може целото општество, да биде заложник на неодговорно однесување. Кога станува збор за интересите на граѓаните и за непреченото функционирање на државата, тогаш нема простор за парцијални интереси. Во демократијата може да постојат политички пријатели и политички непријатели, но политичките актери не смеат да се гледаат низ призмата на душмани. Граѓаните очекуваат решенија, а не проблеми. Но, решенијата мора да се наоѓаат во институциите на државата од страна на оние избрани за тоа”, вели Иванов во писмената изјава.
