29 јануари 2013 г.

СДСМ бара да не се најде решение

Најголемата опозициска партија во земјава, во три наврати покажа неконструктивност со цел да се надмине ситуацијата која самите ја предизвикаа и која и штети на угледот на земјата и надвор од границите.
crvenkovski-sob
СДСМ најпрво покажа неконструктивност откако на 21-ви јануари, по повикот од страна на Претседателот на Законодавниот дом Трајко Вељаноски и пратеничките групи од парламентарното мнозинство да го прекине бојкотот и да се врати во Парламентот.
Црвенковски со неодговорното однесување продолжи и на лидерската средба која ја иницираше премиерот Груевски. Минирајќи ја средбата, тој излезе со ултиматуми, наместо да преговара.
Последното неодговорно однесување и неконструктивност, Црвенковски го покажа со одбивањето на предлогот на претседателот Иванов за формирање на независна експертска комисија која ќе ги расчисти настаните од 24-ти декември. Иако иницијативата беше прифатена од Европската унија, премиерот Груевски и претседателот на Собранието Вељаноски, сепак Црвенковски експресно го одби предлогот, повторно спротивставувајќи се на волјата на меѓународниот фактор.
- Ние сметаме дека работата на таквата комисија треба да биде независна, непристрасна и базирана на европските стандарди, земајќи ја предвид меѓународната експертиза за тоа што ќе го констатира да биде објективно – изјави вчера Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Со ваквиот став, меѓународната заедница и даде до знаење на опозицијата дека треба да го преиспита својот став имајќи предвид дека заклучоците од работата на таквата комисија ќе бидат земени предвид и од страна на Европската комисија во подготовката на пролетниот извештај за Македонија.
- Ги повикуваме двете страни, двата политички кампуса, навистина внимателно да размислат за неа оти знаеме дека тоа што се случи го одвлече вниманието од потребните прашања во рамките на европската агенда во врска со потребниот внатреполитички развој – подвлече Стано од името на Унијата.
Црвенковски оди против меѓународниот фактор, а всушност игра во корист на Грција
Со одбивањето на предлогот, СДСМ практично уште еднаш оди против волјата на меѓународната заедница.
Познавачите се категорични дека ваквата неконструктивност на Црвенковски на големо и оди во прилог на Грција. По завршувањето на лидерската средба Црвенковски излезе со контроверзен став дека доколку не се усвои неговиот ултиматум и не се организираат предвремени парламентарни избори, СДСМ нема да биде дел од решението за името при што одговорноста ќе треба да се бара само кај ВМРО – ДПМНЕ.
Со ваквиот став Црвенковски повторно игра во полза на Грција и му дава алиби на нашиот јужен сосед во спорот за името. Лидерот на опозицијата му отвора простор на нашиот јужен сосед за алиби со неговата неподдршка во преговорите, односно креирање на вештачка политичка криза и неподдршка на процесот на разговори каде што нашата земја има принципиелни позиции.
Експертите сметаат дека Црвенковски мора да биде одговорен и без разлика на сите други отворени политички прашања не смее да ја префрла одговорноста за решение за името, односно да не го минира процесот кој треба да доведе до решение на името, а во кој се инволвирани влијателни фигури во меѓународната заедница.