23 февруари 2013 г.

СДСМ со контрадикторни изјави околу бојкотот на изборите

СДСМ во рок од само неколку часа излезе со контрадикторни изјави околу учеството на локалните избори.

ZAJKO-copy-500
Додека пратеникот од редовите на СДСМ Оливер Спасовски денеска на прес-конференција изјави дека СДСМ од Куманово ќе повика на бојкот на изборите и граѓаните да не учествуваат на нив, потпретседателот на партијата Зоран Заев од Струмица рече дека се подготвени да излезат на локални избори.
Имено, на денешната прес конференција во СДСМ пратеникот Оливер Спасовски најави дека утре опозицискиот фронт „Сојуз за иднината“ во Куманово ќе одржи политичка конвенција на која ќе ги објави своите понатамошни активности во пресрет на локалните избори. За Спасовски најавите дека СДСМ бара локални избори на 7-ми април се на ниво не шпекулација.
-Информациите дека сме предложиле, локалните избори да се организираат на 7 април се на ниво на шпекулација. На 24 март 2013 година, сите граѓани ќе бидат исправени пред досега најважниот личен, демократски предизвик, со својот избор да не учествуваат на вакви локални избори, всушност да го дадат својот конкретен влог за иднината на државата, изјави Спасовски.
Спротивно на ова, потпретседателот на партијата Зоран Заев настапи со своја изјава, која не е во согласност со она што пратеникот Спасовски го најави. Заев вели дека се подготвени да излезат на локални избори и тоа без барање на предвремени парламентарни избори.
Градоначалникот на Струмица и потпретседател на партијата во интервју за Канал 5 вели дека од СДСМ доставиле предлог со пет точки кои во голем дел се согласуваат со предлозите кои ги дадоа македонскиот претседател Иванов и премиерот Никола Груевски за надминување на несогласувањата. Црвенковски не се огласи денеска за вакото барање на Заев, кое синоќа го најави 24 Вести.
Според Заев, СДСМ бара локалните избори да се одложат за две недели - до почетокот на април, за да се реализираат предлозите на Иванов и Груевски, а опозицијата да се подготви за локалните избори.
Ваквиот спротивставен став покажува дека расте внатрепартиското незадоволство во СДСМ, спротивно на тврдењата за единство, што се покажа и по исклучувањето од партијата на неколку видни членови.
Во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ упатено по повод изјавата на Заев, велат дека денешните изјави на Зоран Заев и Оливер Спасовски се доказ за хаотичната состојба во СДСМ, изгубениот правец и проблемите кои таа партија ги има внатре во себе.