Нејзината кандидатура за градоначалник наиде на бура позитивни реакции, а за неа тоа претставува предизвик и мотив за реализирање на веќе започнатите проекти, но и за отпочнување на нови кои ќе го унапредат животот на граѓаните од општина Кисела Вода.
-Заедно со мојот тим, заедно со носителот на советничката листа на општината Кисела Вода веќе дејствуваме на терен, многу реално, практично онака како што влегов во целата приказна, гледајќи ги реално фактичката состојба и проблемите на нашата општина. Така и во изминатиов период заедно со граѓаните ги гледаме и ги анализираме реално проблемите и заедно ќе се обидеме да дојдеме до решенијата, затоа што од овој аспект сега гледам дека тоа е возможно. Општината е таа што треба да биде во дослух со граѓаните и пред се да е сервис на граѓаните. Со оглед на тоа што веќе подолг период заедно со мојот тим работевме и имавме можност да собереме мислења и предлози од самите граѓани и имавме апсолутна одговорност кон нив- голем дел од нивните барања да влезат во самата програма за наредните четири години. Морам да бидам искрена и да кажам дека наидувам на многу позитивни реакции, а тоа најмногу се чувствува гледајќи ги луѓето право во очи и оној стисок при самото поздравување и разменувањето на енергијата со сограѓаните е она што влева доверба и надеж за истрајност и заеднички да ја истераме целата приказна во наредниве четири години.
Довербата од граѓаните ја бара со конкретни проекти. Заедно со својот тим изработиле достоинствена програма која се движи по трасирана насока на подобрување и подигање на степенот и квалитетот на здрава и функционална животна средина.
-Програмата, кога ќе биде и самата промоција, ќе можат и самите граѓани да посветат внимание и детално да ја разгледаат. Можеби таа ќе изгледа скромно, но реков дека сега нема да ветуваме нешто што претходно нема да биде убаво разработено и да оцениме дали ќе биде возможно тоа да се оствари. Притоа, наидовме на голема поддршка од Владата, така што низа горчливи проблеми кои години наназад се провлекуваат во самата општина овој пат ни е ветено дека ќе ни излезат во пресрет. Тоа се одредени проекти кои спаѓаат во одредени ресорни министерства. При самото чешлање на програмата и консултациите со централната власт наидовме на разбирање и се надевам дека така ќе ги тераме следните четири години, за тие горчливи проблеми да може конечно да се решат.
Нешто што се провлекува со години наназад е домот за зависници, кој за жал е сместен на место каде месното население се соочува со проблеми и можам да кажам дека тоа не е соодветното место за тој тип на центар. Мојата визија и на мојот тим беше таа зграда да прерасне во поликлиника, бидејќи посведочивме дека таму има одредено население на кое им е неопходно таков здравствен дом. Тоа е едно нешто со кое јас, доколку навистина успееме да го реализираме, би била многу горда. Во таа листа, како приоритетна ја сместив реконструкцијата на салата Расадник. Не само реконструкција, туку доизградба и проширување на спортски центар со повеќе гранки. Да не мора граѓаните на Кисела Вода да одат во други општини каде би наишле на таков спортски центар.
Тука може слободно да ја набројам втората фаза на булеварот „Борис Трајковски“, тоа е она што си го презема како надлежност самиот градоначалник на Град Скопје. Тоа е влезено во програмата и континуирано во етапи да оди проширувањето на делницата. Тука би ги издвоила како приоритет и негување и реконструирање на постоечките објекти кои ги покриваат децата- градинките и училиштата, но во програмата влегоа и изградба на уште две основни училишта и градинки, изградба и реконструкција на одредени спортски игралишта во склоп на самите училишта. Наидовме на расположение од страна на директорите на овие објекти и гледаме дека има можност за сето тоа да се анимира и да се даде еден поинаков карактер, онака како што во принцип треба да се трудиме децата да ни растат здраво.
Да не го заборавам и она што е мој домен, културата. Го посетивме село Драчево, тие навистина заслужуваат да имаат културен дом. Иако тоа е една рурална средина, тие се мошне активни, си имаат играорно друштво кое педесетина години функционира во таквите постоечки услови и мислам дека заслужуваат тој културен дом да биде реконструиран и обновен, да може самите резултати да си ги презентираат. Наидовме на позитивни реакции, благодарение на министерката Елизабета Канческа-Милевска, така што и самото ресорно министерство ќе се залага за ова да се реализира. Тука влегува и изградбата на културен дом во општина Кисела Вода кој ќе ги опфаќа и другите месни заедници, како и други репрезентативни објекти каде што би можеле и ние граѓаните на Кисела Вода масовно некаде да се собереме и да ни се случува некаков настан.
Тука спаѓаат и Три круши, бидејќи веќе нуди можност самиот капацитет на земјиштето да прерасне во отворен спортско рекреативен простор и низа на вакви видни објекти кои ќе го дадат сјајот на општината. Можеби вака ентузијастички звучи, но кога си ги премерувавме силите колку е реално изводливо, нам од оваа перспектива ни изгледа дека реално е изводливо да ги оствариме.
Отворањето на нови работни места е еден од приоритетите. Беличанец- Алексиќ ќе се залага за развој на постојните и создавање на нови економски капацитети, кои ќе овозможат отворање на нови работни места преку привлекување на странски и домашни инвестиции.
-Новите работни места ќе стигнат во оној момент кога општината ќе презентира максимална отвореност за соработка во однос на административниот дел. Во општината навистина има многу земјиште кое просто чека да се гради. Се работи за специфична општина која има рурална средина, има индустриска зона и има урбана средина на живеење. Доколку ние како тим, смогнеме сили паралелно сите овие три гранки да ги возиме и паралелно да ги развиваме, а ќе ги развиваме на таков начин што како општина ќе бидеме отворени за соработка за сите можни и внатрешни и надворешни инвеститори. Ќе се трудиме максимално колку што може поажурно да си го изработиме нашиот дел кој е наша должност. Во иднина планираме да осмислиме и маркетинг кампања, како јавен повик за сите заинтересирани инвеститори да дојдат да тропнат на врата и да понудат свои планови и идеи, а наше е да им овозможиме што побрзо и поедноставно тоа да го реализираат. Практично во тој поглед го гледаме решението за отворање на нови работни места. Доколку се изградат објекти од јавен карактер на пример трговски центар, општината ќе се залага кај инвеститорот поголема процентуалност на застапеност од вработените да бидат од самата општина.
Урнек ќе и биде начинот на кој делува таткото на Градот- тивко и упорно, но брзо и функционално. Нејзината визија е општина Кисела Вода да биде место за живеење со правилен урбанистички развој и облагороден простор за вршење на секојдневните активности на сограѓаните.
-Доколку ја добијам довербата на граѓаните, можеби ќе делува растурено, но многу ќе се работи. Ако сето тоа се одвива со она темпо кое јас како човек природно го поседувам, ќе се трудиме тоа да биде максимално поекспедитивно и почисто. Ќе си го земам како урнек начинот на којшто делува таткото на градот, Коце Трајановски- тивко, упорно, чисто, кротко, но функционално и брзо. Се надевам дека за четири години, кога ќе бидам повторно должна да се соочам со граѓаните и да дадам отчет за сработеното, се надевам дека исправена ќе застанам пред нив, со дигната глава. Не велам гордо, туку исправено и со чист образ, дека она што сме го ветиле и сме го исполниле. Не гледам причина зошто нашата општина да не биде функционална, здрава, урбана и организирана. Тоа е сето она што во принцип во 21 век се подразбира да го има. Ако досега нешто побавно се одвивало и ако самата општина морала да претрпи измени на одредени закони, на пример премамена на земјиште од едно во друго, тоа е процес кој одзема време. Во моментов тие работи се горе-долу средени. Процесот на денационализација е веќе во постапка, во тек. Ние како општина апсолутно ќе се заложуваме за тоа да бидеме побрзи и поекспедитивни по тоа прашање. Тоа ми е многу важно прашање кое мора во брза постапка да се решава затоа што ова е стара општина и има старо месно население, сметам дека општината треба да биде мобилна и ние да сме тие кои ќе одиме во месните заедници со тие предмети и да бидеме лесно пристапни до граѓаните, а не тие да се јавуваат и да доаѓаат во општината, да чекаат пред вратите за да си го решат својот имотно-правен однос.Во тоа ја гледам функционалноста на општината.
А и од естетска гледна точка би било жално доколку имаат градоначалник кој е длабоко навлезен во културата и во начинот на живеење од естетска гледна точка. Јас ќе бидам таа која ќе се заложува и ќе инсистирам и нивото на култура и естетика да биде на повисоко ниво. Ако ние сме тие кои ќе наметнеме едно темпо на граѓаните, нешто убаво, ново и средено, тие и самите ќе почувствуваат должност дека ќе треба од тука натаму да се грижат за своето.
Билјана Беличанец- Алексиќ нема да биде канцелариски градоначалник. Ќе работи исклучиво од терен, заедно со граѓаните на Кисела Вода.
-Апсолутно од терен. Јас бирократијата не ја познавам. Јас сум човек кој физички 20 години дејствувал на оној терен, на сцена, низ театрите на Македонија. Истото и ова ќе биде, ист принцип на функционирање. На моите сограѓани постојано им велам дека можеби ќе се случи да не ме најдат во канцеларија, но тоа нема да биде затоа што сум зафатена со состаноци, туку дека ќе ме бараат на терен, заедно со сите нив. Од сите очекувам колку што ќе бидам вложена јас во целата оваа приказна, толку и тие како граѓани.
И на почетокот од самото промовирање реков дека програмата ќе биде отворена да претрпи измени колку што е капацитетот на самата општина во моментов, онолку колку што ќе може самата општина финансиски да издржи. Ќе биде отворена за сите предлог идеи на граѓаните, како што самата програма беше конструирана и градена. Таа и тековно ќе претрпува промени во дослух со граѓаните. Исклучиво од терен, заедно со граѓаните.
Скоро две децении успешна кариера, над педесетина успешно одиграни улоги и неколку илјади изведбина „штиците што живот значат“, многу награди и признанија се дел од нејзината досегашна агенда. Од сега, решително исправена, очи во очи гледа кон новиот предизвик, каде, како што и самата вели, нема место за импровизации, нема место за симулации и претпоставки, туку секојдневни, реални проблеми и предизвици со кои ќе се справи за подобро утре на граѓаните на општина Кисела Вода.