Граѓаните да изберат дела, бидејќи Кисела Вода и Македонија се сакаат со дела, повика кандидатот за градоначалник Беличанец на денешното отворање на општинскиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода.
-Со ова општина Кисела Вода уште еднаш ќе потврди дека се залага за концепт на модерна, актуелна, современа, флексибилна и функционална институција, која ни во еден момент не смее да заборави дека е сервис на граѓаните, кој е должен да се грижи за успешен напредок, а притоа цврсто држејќи се на земја. Општина во која ќе се почитува редот и пред се домаќински ќе се решаваат постоечките проблеми, рече Беличанец.
Таа и нејзиниот тим, како што истакна, изработиле достоинствена програма во која се вклучени предлозите на граѓаните и нивните потреби, а истата ќе биде подложна на корегирање и дополнување во дослух со идеите и тековните проблеми на граѓаните.
Дел од програмата ќе биде реализирана со поддршка на Владата, а дел од неа ќе биде реализирана во соработка со Град Скопје.
Развој на индустриската зона на булевар „Борис Трајковски“, втора фаза на проширување на истиот булевар и добивање на модерно булеварско решение со четири сообраќајни ленти, донесување на детален урбанистички план за населените места во општината, заокружување на процесот на легализација на бесправно изградените објекти, изградба, доработка и реконструкција на атмосферска и фекална канализација низ целата општина, создавање на нови работни места преку странски инвестиции, реконструкција на СЦ Расадник, подобрување на постојната и изградба на нова инфраструктура, реконструкција на културниот дом во село Драчево, како и изградба на нов во Кисела Вода, реконструкции и изградби на градинки, училишта и спортски сали , се само дел од зацртаните проекти, кои ќе се реализираат во наредните 4 години доколку Беличанец и нејзиниот тим ја добијат довербата од граѓаните.
-Како општина ќе се залагаме за заштита на негативните влијанија од современиот начин на живот врз почвата, водата и воздухот и континуирано ќе се работи на осовременување и одржување на постојните паркови и зелени површини, како и подигање на нови паркови и јавни зелени површини. Ќе се залагаме и за организирање на паркинг простори, како и организирање на сообраќајниот проток, додаде Беличанец- Алексиќ.
Таа како и претходно се обврза дека заедно со нејзиниот тим во ниеден момент нема да заборави на своите граѓани и неуморно и континуирано ќе работи за нив.